http://protobulgarians.com

Страница за прабългарите. Език, произход, история и религия в статии, книги и музика.


 

Вистинското лице на превртливиот Мисирков

Ѕвездан Георгиевски 

 в-к Дневник, 7 февруари 2007, Фељтон

        Која е вистината за најголемиот идеолог на македонската национална преродба Крсте Петков Мисирков (5). „Реалната критика очигледно би го поместила (Мисирков, н.з.) од пиедесталот на континуирано доследен борец за македонската национална кауза и би го наредила крај оние Македонци од неговата генерација, коишто за решавањето на македонското прашање чинеле не малку, но не можеле или не се осмелувале да сторат нешто повеќе, па зад себе, за жал, оставија и не мала хипотека. Требаше очигледно многу нешто да дозрева, за да можат во новите услови, новите македонски генерации, помогнати но и одмогнати од таквото историско наследство на претходниците, да направат многу повеќе во реализацијата на македонските национални и политички идеали“. Ова е заклучокот на рефератот на Растислав Терзиоски, поднесен на Меѓународниот научен собир по повод стогодишнината од излегувањето на „За македонцките работи“, одржан во Македонската академија на науките и уметностите од 27 до 29 ноември 2003 година, а публикуван во зборникот „Делото на Крсте Мисирков“ (МАНУ, 2005).
         

Крсте Мисирков

 

        Во суштина, целта на Терзиовски е искажана еден пасос пред цитираниот заклучок, каде што авторот констатира дека е оправдана и потребна „извесна преоцена на некои искажани ‘конечни вистини’ за делото и личноста на К. П. Мисирков“. Интересно е што тежнението за преоцената на „делото и личноста на Мисирков“ се појавува во сегашните времиња (сто години по објавувањето на „За македонцките работи“) и е базирано врз, главно, службени преписки (Терзиоски најчесто цитира официјални писма, напишани до руските официјалисимуси, некаде од 1911 до 1919 година), што секако не пречи уште во воведот на излагањето да биде констатирано дека „К. П. Мисирков своерачно се потпишува како македонски Бугарин; говори за неспорното бугарско население во Македонија... расправа за бугарското сознание на словенското население во Македонија... жали за нереализирањето на Санстефанските решенија...“ и така натаму (воведот во текстот е предолг за просторот што нам ни е достапен).

       Како илустрација се даваат писмата на Мисирков до министерот за надворешни работи на Русија, каде што се апелира „македонските Бугари“ да се оттргнат од јаремот на „шумадиските свињари“, а поентира со тоа дека „никогаш нема да престанеме да се чувствуваме Македонци или што е едно те исто - македонски Бугари“.

       Терзиоски цитира уште едно писмо до министерот за надворешни работи (иако никаде не се наведува неговото име) од 1916 година, каде што Мисирков (според Терзиоски) вели: „Меѓу другите Словени, ние македонските Бугари особено сме заинтересирани за брзото и среќно, за Русија и за словенството, завршување на сегашната голема светска војна. Нашата татковина ослободена од турското ропство со Санстефанскиот договор... на Берлинскиот конгрес повторно беше вратена под ропство на Турција. Оттогаш Македонија стана јаболко на раздорот меѓу балканските држави...“.


       Не е ни место ни време за ламентирање врз состојбите во македонската историографија, а и македонската наука, воопшто. Конечно, во претходниот текст од овој фељтон се обидовме да објасниме зошто и како Мисирков, со своите, од него наречени, еволуционистички методи, се обиде да дојде до својата македонска државотворна идеја, гледајќи ја Македонија најпрвин како автономен дел на Турција, потоа како исто толку автономен дел на Бугарија, подоцна (по завршувањето на Првата светска војна) како дел на една балканска или јужнословенска федерација. Едноставно, патетично изгледа обидот за вадење од временскиот контекст, од општата геополитичка ситуација, од времето, конечно, на некои артефакти кои се писма до официјални лица, и тоа во време кога се разгорува битката за македонската државност, што значи дека македонската држава и не постои. (Споредбата е банална и можеби неумесна, но колку Македонци во последните пет децении одат во Грција на одмор или на шопинг - и како тие национално се декларираат пред грчките официјални органи).

         Она што фасцинира кај Мисирков е токму неговата мултидисциплинарност. Тој, имено, е лингвист и филолог, кој успева да го сфати своето (па и нашето) време во некои политички и стратегиски елементи, отколку што сме ние денес во состојба да го означиме неговото и нашето време.

        

Ванчо Михайлов

 

       Втората интересна работа во обидите да се преоценува делото на Мисирков (очигледно треба „да се помести од пиедесталот на континуирано доследен борец за македонската национална кауза“, што би рекол Терзиоски) е во фактот што мошне слични тези се сретнуваат во статијата „Вистинското лице на превртливиот Мисирков“ на Ванчо Михајлов, напишана и објавена во 1969 година. Единствената разлика се гледа во фактот што Михајлов во својата релативно обемна статија (околу 30 отчукани страници) хронолошки, во 32 точки, го анализира делото на Мисирков, така што, иако заклучува дека „од тие и редица слични писанија на Мисирков може да се заклучи само едно: дека и тој ги смета македонските Бугари подобри, поздрави Бугари, отколку оние во стара Бугарија. Такво мислење не еднаш искажаа редица видни туѓинци, како што е францускиот генерал Кретиен, кој во Првата светска војна стоеше на чело на окупациската француска армија во Бугарија, англискиот министер и генерал на авијацијата Томсон, а и многу слависти и етнографи од центрите на културните народи“.

         Инаку, во деветтата точка од своето писание, Михајлов вели дека сосема „неочекувано за никого, кај Мисирков настапува една вчудоневидувачка преобразба. Влегувајќи во контакт со некакви туѓи кругови, тој пишува брошура, во која изјавува дека македонските Словени не биле Бугари, туку биле од некаква друга словенска народност - македонска. Наскоро по отпечатувањето на таа брошура („За македонцките работи“ - з.н.), тој оди во Белград и таму се сретнува со српскиот професор Стојан Новаковиќ, предавач по историја и бивш министер за надворешни работи, на народна просвета и на внатрешни работи, а пред тоа и претставник на Србија во Цариград и во Петерсбург“. Натаму Михајлов вели дека Мисирков потпаднал под негово влијание, и под влијание на дипломатот Света Симиќ. Се разбира дека во текстот се споменува и Бранислав Нушиќ. Без никакви импликации, Михајлов констатира дека македонизмот на Мисирков е инспириран од неговите наводни српски ментори (патем речено, Мисирков оди во Белград како придружник на театарската трупа на Војдан Чернодрински), иако подолу во својот текст сосема јасно ги цитира ставовите на Мисирков, кои најблаго речено би можеле да се наречат антисрпски. Сепак, во некаков поттекст, Михајлов објаснува дека Мисирков е толку превртлив што не би требало да се зема сериозно ни од бугарската политичка кауза. Тој е „неурамнотежен“, како што вели Михајлов, што значи дека никако не може да биде еден од корифеите на македонската бугарштина.

Но, еве да кажеме дека Ванчо Михајлов (особено во 1969 година) има своја политичка идеја, дека неговите статии, јасно, се подредени на таа идеја, дека не е историчар ниту по струка ниту по вокација, прашањето кое останува отворено е зошто овие ставови се повторуваат и во новиот милениум, и тоа од луѓе кои имаат академски титули во историографската наука.

          Третата работа која, исто така, е интересна е непознавањето на името (а камоли на делото) на Крсте Петков Мисирков во Бугарија. Авторот на овие редови, во разговор со свои почитувани колеги од Бугарија, не еднаш се има уверено дека оној изолационизам за кој говоревме за Мисирков во контекст на македонското национално движење во Бугарија функционира уште поефикасно, дури и совршено. Имено, за личноста на Мисирков во Бугарија можете да најдете соговорници само меѓу историчарите, и тоа меѓу оние кои го проучуваат преминот меѓу 19-от и минатиот век. За волја на вистината, со почетокот на новиот милениум, интересот за Мисирков расте, па така успеавме да ја најдеме и книшката „К. П. Мисирков, (без коментари), извадоци од I. „За македонцките работи“ и II. „Белешки за јужнословенската филологија и историја“ и др.“, издадена во 2000 година, како 42. книга во Македонската библиотека на Македонскиот научен институт во Софија од составувачите д-р Иван Кочев и Пето Мисирков. Станува збор за книшка од околу 40 странички, каде што се поместени реченици од делото на Мисирков, целосно извадени од контекст, придружени со предговор, кој, ете, повеќе говори за состојбата во денешна Македонија, отколку за самиот Мисирков и со поговор каде што „се докажува“ дека Блаже Конески и Блаже Ристовски, веројатно најзначајните и најрелевантните македонски проучувачи на делото на Мисирков, се - Бугари.

            Ниту овој текст, а ниту било каков новински фељтон не е доволен да се разбијат нападите врз Мисирков, зашто, по којзнае кој пат, ќе повториме дека нападите врз него не му пречат на неговото дело (нему ништо не може да му попречи), бидејќи нападите врз Мисирков се напади врз македонското национално битие, неговата државотворност, неговото опстојување...

       Ако го снема Мисирков од нашата историја, што ќе ни остане? Не знам, можеби Ванчо Михајлов?

(Продолжува)