Сурва, сурва година! Читаj и мисли слободно! Оказва се, че обичаят Василичари го има не само в Бугария, но и в Македония. Вижте по-долу:

daily news paper Vest

Година: 8   Број:2270   Сабота   1/12/2008

ВАСИЛИЧАРСКИ ОБИЧАИ ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА

М. Зафировска, Фото: Г. Чочков

Пис клетви и пис желби за Стара нова година


        Со тропање и викање василичарите од село Рогачево, Тетовско, прексиноќа влегоа во Музејот на Македонија на етнолошката изложба "Сурва, сурва година". Тие го изведоа нивниот обичај што на Василица со години наназад се изведува во ова тетовско село со околу 500 жители. Василичарската група е единствена и се обновува со помлади мажи, зашто обичајот е василичарите да се само мажи.
        Главни ликови се: Домаќинот, Падиничот, Гатачот, Невестата, Бабата и селани. Тие дојдоа во импровизираниот дом на Домаќинот. Лазо Илиевски, кој е преправен во Гатачот, ни го доближи обичајот и ни раскажа дека Домаќинот ги пречекува василичарите со топла ракија, туршија, пифтија, се е подготвено како што си чекаат гости. На доаѓање тие викаат:"Еден, два, три, сурвааа", што значи да му оди напред, како сурово дрво. Ако Домаќинот не им отвора, тие викаат: "Еден , два, три - сувооо". Ако не ни отвори, цела година нему му оди суво.
        Во домот откако ќе добијат бујрум од Домаќинот, тие ја почнуваат песната. "Ако нема урда, Васил ќе донесе, ако нема сирење, Васил ќе донесе, ако нема брашно Васил ќе донесе" , и така гатаме за се. Кога ќе дојдеме до маст, тој што во обичајот е Падиначот, се лизнува и паѓа на колена. Тој секогаш се лизнува на маслото", ни раскажува Лазо од Рогачево. Обичајот продолжува со дијалогот помеѓу Домаќинот и Гатачот, кој зема ножеви, и кажува се што може да се направи со Падиначот. "Годинава ќе го бричиме ако е водата од Бабата врела, а в година ќе го жениме. Бабата го крева скутникот, значи водата е врела, и продолжуваме. Почнуваме со главата за која Гатачот вели дека е за старите луѓе, да серат, да серат, и да ја фрлат. Јазикот ќе му биде за лопата, избриши и фрли. Забите ќе му бидат за девојчиња - бисери да нижат. Срцето ќе го носиме на невестите за Св. Јован , да бидат поубави, цревата на невестите да прават појаси, срма да редат. За рацете велам, ќе ги ставиме во воденица да тракотат таму тракаташка, а за нозете, ќе ткаат со нив невести млади. Падиначот за се што е добро за него, вика ако, а за се што не чини ми го дава мене како на Гатач. Затоа јас му велам: 'Акнал со носот во гомна, за арно збориш за тебе, а за лошо за мене'", ни раскажува Лазо од Рогачево.
        На крајот, Невестата му го дава огледалцето и Падиначот се гледа избричен, дотеран. Потоа Невестата се поклонува пред Домаќинот кој ја дарува, а шегата продолжува со тоа што тие ја туркаат неа во кревет со Домаќинот. После Домаќинот ги чести. Се крши питата и веселбата продолжува со Кумот, оној кај кој ќе падне паричката.
            "Изложбата е една од ретките етнолошки постановки кои се организираат во Музејот, зашто е многу сложено, бидејќи бара и ваков вид презентација", ни рече авторот, етнологот Владимир Боцев. Тој од своите истражувања на обичаите и маските вели дека во денешно време тие со сигурност имаат цел да го поттикнат здравјето, плодноста, да посакаат бериќетна година, да се означи преминот од старата во новата година, преминот од момче во маж. Но, според Боцев, нишката што ја продолжува традицијата на обичаите во денешно време е желбата да се истакне индивидуалниот и колективниот идентитет. Поврзаноста на групата кон поединецот и на групата кон поединецот.
            На изложбата има фотографии со василичарските обичаи од повеќе места од цела Македонија, како и некои од реквизитите за маскирање. Тие покажуваат дека традицијата и обичаите се живи, постојат и се пренесуваат.


                                                                         Митот за Василица

            Си биле тројца браќа, св. Василија, св. Атанас и св. Андоние. Оделе на долг пат. Сите светци носеле долги бради. За св. Василија едно дете се преправило многу лично, излегло пред светецот и му рекло:"Ќе ме земеш мене за татко". Св. Василија се избричил и го зел детето за син. Му станал татко. Но тој се прелагал зашто детето било ѓаволот. Другите двајца светци продолжиле. По недела - две, личното дете исчезнало. Кога св. Андоние и св. Атанас се вратиле назад, св. Василија почнал да става брада и мустаќи за да се смеша со браќата. Но браќата го нејќеле. Од тој ден на св. Василија почнале да му прават мајтап, почнале да стават брада и мустаќи. Затоа св. Василија заостанал 14 дена поназад, а тие отишле понапред.

Благоја Начевски, роден 1961 година
село Цапари, Битолско